Ќе заигра ли Димитриевски за екс-клубот на Енис Барди?

Нема дилема дека Столе Димитриевски ќе мора да си замине од Валенсија доколку сака да игра почесто во новата сезона, а македонскиот репрезентативец неодамна доби нова понуда со која би останал во шпанската Ла Лига.

Леванте е клубот што сака да го доведе Македонецот во своите редови и веќе испратил и официјална понуда за да го ангажира Димитриевски. Извонредни настапи за овој тим до пред некоја година бележеше Енис Барди, што е причина Леванте по враќањето во Примера да тргне по потписот на уште еден македонски репрезентативец.

Димитриевски има одлично реноме во шпанскиот фудбал благодарение на извонредните сезони минати на голот на Рајо Валјекано. Иако авантурата во Валенсија не се одвива онака како што посакуваме, нема сомнеж дека нашиот репрезентативец ќе има на маса интересни понуди за продолжување на кариерата.

Токму затоа и Димитриевски тактизира во изборот на нов клуб, а останува да се види колку Леванте би го чекал конечниот одговор ако се знае дека овој клуб како план Б го има Романецот Дину Молдован од Рапид Букурешт.

Се вчитува...