Барселона направи дрим – тим со ангажманот на Фелипе Кутињо, кој сега ќе игра заедно со Лионел Меси и Луис Суарез, а тоа значи дека е време и Реал Мадрид да се активира на трансфер маркетот. Најголемата желба на Флорентино Перез е Хари Кејн, фантастичниот напаѓач на Тотенхем и англиски репрезентативец. Шпанските медиуми најавуваат дека „кралскиот клуб“ ја плете мрежата за негов ангажман, со што најверојатно би бил надминат дури и трансферот на Нејмар од Барселона во ПСЖ, вреден 222 милиони евра.
Тотенхем, неофицијално, нема да го пушти Хари Кејн да си замине за сума помала од 300 милиони евра. Но, кога е Реал Мадрид во прашање, можеби и тоа не е сума што не може да биде исплатена.
Но, и фудбалерот има свои услови. Хари Кејн им порачал на „кралевите“ дека ќе се согласи да пристигне на „Сантијаго Бернабеу“ само доколку биде третиран како суперѕвезда. Побарал од тренерот Зинедин Зидан да има загарантирано место во првиот состав, а од раководството на клубот бара да биде втор најплатен фудбалер во тимот, после Кристијано Роналдо. Тоа секако ќе внесе немир во соблекувалната на Реал Мадрид, пред се кај капитенот Серхио Рамос, но и неколку други фудбалери со подолг стаж во „кралскиот клуб“.
Оваа мисија сигурно ќе биде оставена за летниот преоден рок, а дотогаш Флорентино Перез ќе треба да направи добар план како да го доведе Хари Кејн. И тоа не е се, туку во пакет треба да пристигне и Деле Али…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА