Англија второ Европско првенство по ред не успеава да го освои долгопосакуваниот трофеј. По поразот од Италија на „Вембли“, Англичаните беа поразени и од Шпанија во Берлин за големо незадоволство во целата нација.
Незадоволството не го криеше ниту капитенот Хари Кејн кој се уште останува без освоен трофеј во кариерата, продолжувајќи го проклетството од порази на мечеви на кој триумф значи кревање на шампионски пехар.
„Тешко е да се опише со зборови како се чувствуваме сите. Беше многу тежок натпревар и тешко е да се прифати дека примивме гол во последните минути. Не е лесно да се стигне до финалето, а кога ќе влезеш во него… Не успеавме да го искористиме тоа. Не успеавме. Ова е ужасно болно и долго ќе боли“, изјави Кејн.
Англиските медиуми упатија жестоки критики кон Хари Кејн кој го одигра еден од своите најлоши натпревари против Шпанија. Поради тоа тој беше заменет во 61. минута, но и неговата замена Оли Воткинс потфрли во самата завршница кога не успеа да реализира добра шанса за изедначување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА