Кејн: Ова ќе го паметиме цел живот – трофеј на „Вембли“ е нешто за што сонува цела нација

Хари Кејн се разбуди во вистински момент за Англија, постигнувајќи неколку значајни погодоци во нокаут-фазата од ЕВРО 2020. Асот на Тотенхем ќе биде главна закана кон противничкиот гол и на утрешното финале против Италија, за кое Кејн и соиграчите се максимално мотивирани да стигнат до првата европска круна во историјата на „гордиот албион“.

„Тоа што го играме финалето на „Вембли“ ја прави целата ситуација уште поголема, бидејќи ќе имаме фанатична поддршка во текот на целиот меч. Не постои нешто подобро од тоа да го освоиме трофејот на „Вембли“, цела нација го има истиот сон, а ние ќе сториме се за да го оствариме. Она што се случило во 1966 било фантастично, на нас е да направиме уште поголема работа. Што е и да се случи, ние ова ќе го паметиме цел живот“, изјави Хари Кејн.

Италија се наоѓа во фантастична серија од 33 натпревари без пораз, но Англичаните се оптимисти дека ќе успеат да го земат скалпот на „аѕурите“.

„Тоа е одличен состав, традиционално имаат одлични резултати кога ќе стигнат до завршницата од големите натпреварувања. Знаат како се освојуваат пехари, колективно играат одличен фудбал, но нема да размислуваме многу за нив. Ќе се фокусираме на сопственото издание бидејќи ако ние одиграме како што знаеме, ќе стигнеме до победата што толку многу ја посакуваме“, оптимист е Кејн.

Се вчитува...