Кејн: Сон ми е да го стигнам рекордот на Руни

Хари Кејн не ја крие желбата да стане дел од историјата на англискиот фудбал како најдобар стрелец во историјата на „гордиот албион“. Рекордер во оваа категорија е Вејн Руни со 53 погодоци, Кејн засега има само 19, но асот на Тотенхем е оптимист дека може да го престигне легендарниот голгетер на Манчестер јунајтед.

„Тоа сигурно ми е сон, една од најголемите желби во кариерата. Знам дека е далечно и вообичаено не сакам да си поставувам такви цели, но кога станува збор за постигнатите голови за репрезентацијата, дефинитивно би сакал да бидам најдобар во историјата. Ќе одам чекор по чекор, најважно е да ме служи здравјето, да немам проблеми со повредите, па по неколку години ќе видиме до каде сум стигнал и колку е реално да го престигнам Руни“ – истакна Кејн.

Тој ја доби „златната копачка“ за најдобар стрелец на СП 2018 во Русија, но е без постигнат гол на последните седум средби за „гордиот албион“. Можност постот да се прекине Кејн ќе има на денешниот меч со Хрватска, селекцијата од која Англија беше елиминирана во полуфиналето на последниот мундијал.

„Знаеме дека Хрватска е силна репрезентација, а триумф денеска би ни ги залечил раните бидејќи би ја одвел Англија во полуфиналето од Лигата на Нации. Нема да биде лесно, сакаме да дадеме гол во раната фаза од мечот, но ако тоа не се случи свесни сме дека мораме да бидеме трпеливи“ – порачува предводникот на нападот на „гордиот албион“.

Се вчитува...