Келн е чудесно место: Франција беше пред елиминација, а тогаш се појави Пранди

Франција е првиот финалист на Европското првенство во Германија, откако вечерва во првото полуфинале после продолженија успеа да слави со 34-30. Швеѓаните може да жалат за поразот бидејќи иако во еден момент имаа негатива од седум гола (12-5) во последната минута влегоа со позитива од два гола (24-26), но и тоа успеаја да го прокоцкаат и на крајот да загубат.

Откако Шведска подобро го отвори натпреварот и поведе со 1-3, следеше фуриозна игра на Французтие кои со серија 11-2 стигнаа до голема предност од седум гола 12-5. До крајот на полувремето „француските петли“ успеаја да ја задржат предноста и на пауза да заминат со позитива од 17-11. Како и првото полувреме така и второто Швеѓаните подобро го отворија, па по само три минути игра успеаја да ја преполоват негативата од полувремето и да стигнат на само минус три (17-14). Шведска продолжи одлично во одбраната, а со голот на Лагерген во 38. минута дојде на само минус еден (18-17), по што Гијом Жил мораше да побара тајм-аут.

Ниту тајм-аутот не им помогна на „триколорите“. Повторно погрешија во нападот, а со голот на Карлсбогард по подолго време успеаја да израмнат 18-18. Франција со серија од 3-0 повторно стигна до плус три 21-18, но тогаш на сцена се појави Андреас Паличка кој со два одбранети пенали им даде крила на своите соиграчи кои во 52. минута со oсмиот гол на Клар по подолго време стигнаа до предност од 22-23. Паличка продолжи да брилјира на голот, а со голот на Ване во 55. минута Шведска стигна и до плус два (23-25). Франција имаше пенал за да стигне до ново израмнување, но повторно за тоа да се случи се спречи Паличка кој со својот трет одбранет пенал успеа да го задржи водството, а повторно Клар во нападот да биде херој за „трите круни“ за 24-26. Франција беше пред елиминација при негатива од 25-26, но прво Готфридсон направи чекори, а потоа Пранди со неверојатен погодок од девет метри по завршувањето на мечот успеа да израмни на 26-26 и да го одведе натпреварот во продолженија. Таму Швеѓаните се распаднаа, а Франција стигна до лесен триумф од 34-30.

Хуго Деска со осум гола беше прво име кај победникот, додека кај поразените залудни беа деветте гола на Феликс Клар и 15 одбрани на Андреас Паличка.

Во второто полуфинале ќе се сретнат Данска и домаќинот Германија.

Се вчитува...