Ракометарите на Магдебург се новиот европски шампион откако во финалето на Ф4 турнирот во „Ланксес арената“ во Келн славеа во трилер натпревар по продолженија над Кјелце со 30-29.
Првото полувреме ни донесе еден атомски ракомет во кој двата тима се менуваа во водство, а Полјаците во финишот успеаја да побегнат на два гола разлика и на пауза да заминат со позитива од 13-15.
На стартот на второто полувреме Кјелце веднаш реализираше и за првпат стигна до највисоки плус три до тој момент (13-16). Волф беше непремостлива пречка за Германците, а со голот на Кунку во 35. минута Кјелце стигна и до плус четири (13-17).
По подолго време во 48. минута ракометарите на Магдебург тргнаа во напад за намалување на само еден гол разлика (20-22), но следеше прекин поради тоа што на едно лице на трибините му се слоши. По паузата Дамгарт стрелаше, а Магдебург по долго време стигна на минус еден (21-22).
Кјелце повторно грешеа во нападот, а на четири минути до крајот на мечот Магдебург поведе со 25-24. Следеше гол на Морито па во последните пет минути влеговме во егал 25-25.
Магдебург не успеа да реализира долг напад, па преку Данил Душејбаев во контра Кјелце на минута и дваесет секунди до крај поведе со 25-26, а поради лоша измена Германците останаа и со играч помалку. Дамгард израмни на 26-26, а во последните триесет секунди Кјелце тргна во напад за победа. Алекс Дујшебаев го зема последниот шут, но не успеа да реализира па натпреварот замина во продолженија.
На стартот на продолженијата и двата тима многу грешеа па во првите четири минути постигнаа по само еден гол (27-27), а со голот на Кај Смитс од пенал во последната секунда по првото продолжение Магдебург имаше водство од 28-27. Стрелаше и Дамгард на самиот старт на второто продолжение, а Магдебург за првпат по почетокот на мечот стигна до плус два (29-27). Магдебург имаше и напад за три разлика, но не успеа да го искористи, а на триесет секунди до крајот Кјелце тргна во напад за израмнување (30-29). Каралек не го реализираше последниот шут, па Магдебург почна да слави нова титула.
Кај Смитс со осум гола беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените Алекс Дујшебаев постигна исто така осум погодоци.
За германскиот бундеслигаш ова е четврта титула во Лигата на шампионите, но прва од 2002 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА