Кениецот Чемвоно победник на Скопскиот маратон, Ивановски – трет, Поп Арсова втора во женска конкуренција

Кениецот Килари Чемвоно е победник на годинешниот јубилеен Виз Ер Скопски маратон на кој настапија рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји од светот.

Чемвоно победи со време од 2:13.28 часа ја истрча патеката од 42 километри и 195 метри, пред неговиот сонародник, Даниел Кипротич со време од 2:13.52, а на третата позиција заврши најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски кој истрча со време од 2:16.26 часа.

Во женска конкуренција победи Ирина Џеруто од Кенија со време 2:37.52 часа, пред македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова со време 2:39.38 часа, а третопласирана е Вилијат Џелагат од Кенија.

На полумаратонска трка доминираа натпреварувачите од Турција. Прв низ целта мина Џан Хусеин, второто место го освои Емектар Мурат, а трет беше Гедиклиоглу Абдурахман. Најдобар македонски натпреварувач на полумаратонската трка беше Иван Пешовски кој заврши на шестата позиција.

Во женска конкуренција, на полумаратонската трка победи Милица Мирчева од Бугарија. Греша Бакрачи од Албанија беше втора, а третата позиција и припадна на Јулие Ларсен од Норвешка.

Министерот за спорт Борко Ристовски им ги врачи медалите на најуспешните на денешното јубилејно 20.издание на Скопскиот маратон, упатувајќи честитки за сите учесници на маратонот за нивната издржливост и посветеност. Министерството за спорт е главен покровител на оваа најголема атлетска манифестација кај нас.

„Скопскиот маратон и оваа година покажа дека Македонија е подготвена да организира спортски настани од светски размери. Горд сум што Министерството за спорт е главен покровител на оваа атлетска манифестација која го става Скопје и Македонија на светската маратонска мапа.Ние како Министерство за спорт секогаш ќе бидеме поддршка за ваквите настани кои негуваат вистински спортски вредности, градат традиција и носат промоција на нашата Македонија во светот“ – истакна министерот Ристовски.

Тој упати честитки до сите учесници на маратонот како и до организаторите и до сите што придонесоа денешната трка да мине во најдобар ред, нагласувајќи дека Скопскиот маратон е една од најзначајните спортски манисфестации која негува традиција и промовира вистински спортски вредности.

„Честитки до сите учесници, за вашата посветеност и напор. Вие сте вистински инспирација и пример дека преку спортот се градат не само здраво тело туку и заедница обединета во поддршката на заеднички цели. Честитки и благодарност и за организаторите, волонтерите и сите што помогнаа во реализацијата на овој голем спортски настан. Вашиот труд и ентузијазам направија овој маратон да биде успешен и сигурен за сите учесници и гледачи. Ова е уште една победа за спортот во Македонија, и се надевам дека ќе продолжиме да создаваме вакви можности за нашите спортисти и за заедницата. Спортот е мост што не спојува, а Скопскиот маратон е доказ за тоа“ – рече министерот Борко Ристовски.

Се вчитува...