Поранешниот бек на Реал Мадрид, Џејси Керол во разговор за „Еврохупс“ говореше и за словенечкиот репрезентативец Лука Дончиќ кој патот до НБА лигата го трасираше од „кралскиот клуб“ каде уште како 19-годишник стана најкорисен играч на Евролигата.
Американецот потенцијалот на Словенецот го видел уште кога тој имаше 11 години, а откри и како Дончиќ му помогнал на тимот да стигне до шампионската титула во фамозната 2018 година.
„Го запознав Лука во 2012 или 2013 година, тогаш имаше 11 години. Тоа беше во една просторија на тренинг, тогаш јас бев важен играч во тимот. Не запознаа и ми кажаа дека мислат дека ќе биде многу добар играч. Го гледав од далеку и си помислив „уф, малиов ќе биде добар“. Нешто подоцна тој почна да тренира со нас.
Во 2015 година беше на крајот на клупата, во 2016 малку поблиску, во 2017 доби поголема минутажа, а во 2018 година стана МВП на Евролигата. Напредна неверојатно брзо. Таа 2018 година ретко кој очекуваше дека ќе направиме нешто – бевме петти и игравме против Панатинаикос. Ако паметите губевме 27-3 на почетокот, изгубивме со повеќе од 30 поени. Таа вечер Ласо не натера да го гледаме целиот натпревар. Не беше забавно, беше ужасно, но добивме поука.
За следниот натпревар ја промени почетната петорка. Игравме јас, Руди, Фелипе, Треј и Лука. Со Руди и Фелипе се погледнавме во стил – што е ова? Но, почнавме многу добро и Лука беше многу подобар. До крајот на сезоната не загубивме натпревар во Еврлигата – три победи во низа против Пао, а потоа и две победи на Ф4. Лука беше брилијантен на завршницата, човекот е чиста машина“, вели Керол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА