Кевин Андерсон со победа го почна турнирот во Лондон

Кевин Андерсон е победник на воведниот меч од завршниот турнир на осумте најдобри тенисери во сезоната во Лондон. Тој со 2-0 во сетови го победи Доминик Тим во првото коло од групата „Лејтон Хјуит“.

Во првиот сет, Андерсон беше апсолутно доминантен. И не само поради неговото добро издание, туку и поради бледата игра на Тим. Јужноафриканецот рано направи брејк, потоа имаше уште неколку неискористени можности за поени на противнички сервис за сепак да финишира со убедливи 6-3.

Вториот сет беше многу понеизвесен. Андерсон ја искористи дури четвртата меч топка во тај-брејкот и ги освои првите бодови во кариерата на АТП финалето од сезоната.

На вториот меч од оваа група, вечерва ќе се сретнат Роџер Федерер и Кеи Нишикори. Првото коло во втората конкуренција која што ја предводи Новак Ѓоковиќ е утре. Српскиот тенисер почнува против Џон Иснер, а во другиот дуел се соочуваат Александар Зверев и Марин Чилиќ.

Се вчитува...