КФМ му ја одзема победата на МЗТ против Ангели

МЗТ Скопје ја потврди фаворитската улога на теренот во дуелот против „фенерџијата“ Ангели во 3. коло славејќи со 55-78, но аеродромци нема да добијат бодови од овој триумф поради голем пропуст во протоколот, соопшти Кошаркарската федерација на Македонија.

Актуелниот шампион во играта искористи играч кој не бил пријавен во протоколот па доби строга казна од „Куќата на кошарката“ – службена регистрација на натпреварот со 20:0 во корист на Ангели, а МЗТ Скопје остана и без бод.

„За пропустот на КК „МЗТ Скопје“, при кој во игра бил вклучен играч кој не бил наведен на образецот NAT-1, покрај одговорноста на делегатот (60.1) ќе биде применета и мерката – службена регистрација на натпреварот (20:0 во корист на противникот), при што екипата на МЗТ Скопје нема да добие бод, членови 33.6 и 61.8 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги“, стои во соопштението на КФМ.

Со примената на строгата казна новото раководство на КФМ става дознаење дека кога станува збор за регуларноста нема компромис.

Се вчитува...