Кошаркарската федерација на Македонија упати благодарност до кошаркарскиот клуб Куманово и до градот за домаќинството на завршницата во Купот на Македонија, кој вчера заврши и на кој триумфираше МЗТ Скопје.
Од федерацијата истакнуваат дека Купот на Македонија бил организиран на високо спортско и организациско ниво.
„Кошаркарската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до кошаркарскиот клуб МКК Куманово, кој во периодот од 13. до 15. февруари во Куманово беше домаќин и организатор на завршниот турнир од Купот на Македонија во машка конкуренција, за беспрекорната организација на овој значаен национален настан.
Со својата посветеност, професионалност и одговорен пристап, клубот домаќин овозможи натпреварите да се реализираат на високо организациско и спортско ниво, во атмосфера достојна за едно вакво престижно натпреварување.
Посебна благодарност упатуваме и до граѓаните на Куманово, како и до навивачката група „Кумани“, кои со своето достоинствено, културно и спортско навивање дадоа значајна поддршка на својот клуб и придонесоа целокупната манифестација да помине во најдобар ред, во духот на фер-плејот и спортските вредности.
Воедно, Кошаркарската федерација на Македонија упатува честитки до екипата на МЗТ Скопје Аеродром за освоениот трофеј во Купот на Македонија, како и до екипата на МКК Куманово за освоеното второ место и прикажаните квалитетни настапи.
По подолг временски период, Купот на Македонија повторно беше организиран на високо спортско и организациско ниво, што претставува значаен чекор напред во заедничките напори за унапредување и афирмација на македонската кошарка.
Кошаркарската федерација на Македонија останува посветена на понатамошен развој на домашните натпреварувања и создавање услови за организација на настани достојни на угледот на македонската кошарка“, велат од КФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

