Раководството на КФСМ преку соопштение до јавноста денеска потврди дека е постигнат договор за решавање на конфликтот, по барањето на клубовите за модификација на правилото за настап на домашни играчи на теренот. Прифатен е последниот предлог на клубовите, кој ќе значи загарантирано присуство на најмалку двајца домашни играчи во текот на сите натпревари во првиот круг и потоа во Супер-лигата, а потоа укинување на сите ограничувања за настап на странци со почетокот на плејофот.
„По иницијативата на Здружението на прволигаши за промена на членот од Регистрацискиот Правилник за минимален број на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар, Кошаркарската федерација на Северна Македонија организира неколку состаноци на кои покрај раководството на КФСМ присуствуваа и членови на Асоцијацијата на кошаркарски играчи и претставници од клубовите кои (ќе) се натпреваруваат во Прва лига мажи.
По одржаните состаноци донесено е конструктивно решение кое ги задоволува интересите на играчите и клубовите и ќе придонесе за понатамошен развој на домашните кошаркари, ќе ги поттикне клубовите интензивно да инвестираат во младинските селекции, а при изборот на странски играчи критериумот за квалитет да биде на високо ниво.
Измената ќе гласи: Клуб од прва лига мажи да има право на пријавување и настап на најмногу 4 (четири) странски играчи во составот на еден натпревар, со настап не помалку од 2 (два) домашни играчи во игра на целиот натпревар до завршување на регуларниот дел, супер лигата и плеј-аут натпреварите. Во плеј-оф натпреварите (полуфинале и финале) како и во полуфиналните и финалниот натпревар во Купот нема да има ограничување на бројот на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар.
Правилото ќе биде процедурално процесирано низ структурите на КФСМ и ќе има неколкугодишна примена“ – се вели во соопштението на КФСМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА