Раководството на КФСМ преку соопштение ја објасни одлуката на Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, натпреварот меѓу Вардар и Работнички што на програмата е викендов да биде прогласен за „меч од висок ризик“.
Челниците на КФСМ за ваквата одлука беа критикувани од страна на приврзаниците на Работнички, кои добиле само 40 билети и најавија дека воопшто нема да дојдат во арената, по што од куќата на кошарката ја образложија ваквата одлука.
Соопштението на КФСМ го пренесуваме во целост:
Македонската кошаркарска федерација сака да ја информира јавноста, поврзано со одлуката на комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, натпреварот од 5. коло од Првата лига-мажи, помеѓу екипите на Вардар и Работнички, кој е делегиран за 28.10.2023 година во 18.часот во салата на КК „Вардар“ во Скопје, да биде прогласен за натпревар од зголемен ризик.
Согласно членот 10 од Правилникот за работа, Комесарот за натпреварување соработува со комесарите за безбедност на клубовите, во овој случај со КК „Вардар“ од Скопје, како организатор на натпреварот, како и со органите на МВР и други државни институции, во смисла на спречување и превенирање на насилство и почитување на Законот за спречување насилство на спортските терени.
„Согласно членовите 16.1, 16.8.1 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги, лицето за контакт од екипата домаќин на ден 24.10.2023 година ја извести канцеларијата за натпреварување во сениорските лиги дека натпреварот ќе се игра во дадената сала и дадениот термин, со напомена дека, освен присуство на навивачи на екипата-домаќин, и гостинската екипа најавила присуство на навивачи.
Согласно главата 9, член 10, алинеја 5, комесарот за натпреварување е должен тесно да соработува со клубовите, со органите на МВР и други државни институции, во смисла на спречување и превенирање на насилство и почитување на Законот за спречување насилство на спортските терени.
Со оглед на најавите дека ќе има присуство на две навивачки групи, а за што подобра организација на натпреварот, во прв ред, безбедноста на актерите и присутните во спортскиот објект, спречување на инцидентни ситуации, одлучено е овој натпревар да биде од зголемен ризик.
Дополнително, а согласно членот 19.3 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги, комесарот за натпреварување побара поголем број на присутни органи за безбедност, чија бројка ќе зависи од проценката на претставниците на МВР.
Во исто време, организаторот на натпреварот е должен да организира соодветна редарска служба – зголемен број, и агенција за обезбедување, согласно Законот за спречување насилства на спортските терени во РС Македонија.
Со напомена дека, тоа не значи дека нема да има присуство на одреден број на навивачи, согласно со капацитетот на спортскиот објект-сала во кој домашната екипа го организира овој натпревар“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА