Веќе нема никакви дилеми, Марјан Илиевски ќе биде новиот селектор на сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија откако успешниот тренер постигна договор за преземање на кормилото на националниот тим. Раководството на федерација во изминатиот период разговараше со неколку стратези, за на крајот изборот да падне врз Илиевски, со кого претседателот Главчев своевремено имаше успешна соработка во тимот на Блокотехна (титула во БИБЛ и едно одиграно финале во Купот на Македонија).
КФСМ закажа прес-конференција за утре во 12 часот, на која и официјално ќе биде промовиран новиот селектор, собир на кој Илиевски, но и челниците на федерацијата ќе ги искажат своите очекувања од репрезентацијата за периодот што следи. Илиевски во моментов е и дел од проектот на КК Пелистер, но разговорите со највисокото раководство на битолскиот клуб вродиле со плод, па тој во наредниот период паралелно ќе ги извршува функциите.
Пред новиот кормилар е огромен предизвик, ако се земе во предвид неизбежната смена на генерации која ќе стане уште поочигледна во периодот што следи. Дамјан Стојановски му кажа збогум на репрезентативниот дрес уште во минатиот циклус, а наскоро стапките на капитенот на МЗТ Скопје би можеле да ги следат уште неколку искусни кошаркари кои во минатото секогаш беа тука на рапсолагање на селекторите.
Илиевски веќе го избра и својот стручен штаб, па така асистенти ќе му бидат Боро Даскаловски, Мирко Петрески и Боби Митев.
Првиот предизвик пред новиот селектор се претквалификациите за СП 2026 што ќе се одржат во месец август. Наши противници во групата се Романија и Унгарија, а пласман во главните квалификациии обезбедуваат најдобрите две селекции во секоја група.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

