Киеза е седми Италијанец во историјата на Ливерпул, знаете ли кои се претходните…

Федерико Киеза вечерва допатува во Ливерпул, каде по деталните прегледи во текот на утрешниот ден би требало и официјално да потпише четиригодишен договор со англискиот гигант.

Интересно, Киеза е само седми италијански фудбалер кој ќе го облече дресот на Ливерпул, а неговите сонародници во минатото не се прославија бранејќи ги боите на клубот од „Енфилд роуд“.

Прв Италијанец во Ливерпул е голманот Даниеле Падели, кој пристигна во 2006 година на позајмица од Сампдорија. Тој мина една година како резерва на Пепе Реина, па по само еден одигран меч за „црвените“ се врати назад на Апенинскиот полуостров.

Истата година на „Енфилд“ пристигна и Габриел Палета, дефанзивец роден во Аргентина кој имаше и италијански пасош, па подоцна одигра и три средби за „аѕурите“. Тој не се прослави во Ливерпул, па по само три одиграни средби си замина од „Енфилд“.

Нешто позабележителен беше напаѓачот Фабио Борини, кој во сезоната 2012/13 одигра 25 средби за „црвените“, притоа постигнувајќи само два погодоци.

Алберто Аквилани пристигна како голема ѕвезда по трансферот вреден 20 милиони евра од Рома во 2009 година, но серијата повреди спречија одличниот плејмејкер да го покаже својот потенцијал. Тој имаше само 18 настапи за англискиот тим, постигнувајќи само еден гол.

Дефанзивецот Андреа Досена две сезони беше резервен бек, настапи на 18 средби и постигна еден гол пред да се врати назад во татковината.

Најзвучно име меѓу Италијанците во Ливерпул дефинитивно е Марио Балотели, но проблематичниот голгетер се покажа како огромно промашување, за една сезона постигна само еден погодок во Премиер-лигата, по што се врати назад во Милан од каде една година претходно пристигна на „Енфилд“.

Се вчитува...