Милан е најновиот клуб што се вклучи во трката по Федерико Киеза откако од Јувентус веќе јавно потврдија дека крилниот офанзивец не е дел од плановите за тимот за наредната сезона и се очекува да биде продаден до крајот на летниот преоден рок.
„Росонерите“ станаа сериозно заинтересирани откако цената на италијанскиот репрезентативец се спушти под 20 милиони евра, свесни дека играч со такви квалитети како Киеза вообичаено вреди најмалку двојно повисока сума. Самиот фудбалер би сакал да се пресели во клуб со кој би настапувал во Лигата на Шампионите, давајќи му приоритет на Милан во однос на Наполи.
Во моментов високата плата што ја бара Киеза предизвикува проблеми, но кај двете страни постои расположение ова да биде надминато, најверојатно со нешто повисок бонус при самиот потпис на договорот.
Останува да се види дали овој трансфер ќе биде комплетиран и нема сомнеж дека Киеза би бил огромно засилување за тимот на Милан во обидот „росонерите“ повторно да се вмешаат во трката за највисок пласман во Калчо-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА