Федерико Киеза пред извесно време делуваше сигурен во намерата да си замине од Јувентус, откако преговорите за нов договор стагнираа веќе неколку месеци. Актуелниот договор на италијанскиот репрезентативец истекува во јуни 2025 година, Јуве ќе настојува на продажба ако до крајот на оваа сезона не биде потпишен нов, но ситуацијата во последниот период се промени.
Самиот Киеза направил значителен гест, согласувајќи се на намалување на платата што ја има во моментов, за да го продолжи престојот меѓу „црно-белите“ во Торино. Неговата склоност кон повреди беше причина Јуве да инсистира на намалување на платата, нешто што Киеза го прифати, но под услов новиот договор да значи продолжување на само уште една година, до јуни 2026 година.
Така, Киеза би имал можност под водство на нов тренер (се поизвесно е дека Алегри ќе си замине) во следната сезона (2024/25) да се докаже дека заслужува нов договор со зголемена плата, во спротивно би можел да активира клаузула за следното лето (јули 2025) да си замине за соодветна отштета.
За Јуве во моментов приоритет е намалување на трошоците, па ваквиот гест на Киеза е прифатлив од управата на „црно-белите“, која е подготвена во текот на следната сезона, штом финансиската состојба на клубот се подобри, повторно да седне и да разговара за нов долгогодишен договор со крилниот офанзивец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА