Македонската Кикбокс Маитаи федерација предводена од претседателот Дејан Митровски – Урко се враќа со извонреден успех и освоени две златни и еден сребрен медал од Светското јуниорско WАКО првенство кое се одржа во Будимпешта, Унгарија.
Светски јуниорски шампиони се Марија Димовска во дисциплината Лоу Кик до 60 килограми, и Силвио Мировски во Лоу Кик до 70 килограми, во конкуренција на постари јуниори. Димовска во полуфиналето триумфираше против Јелена Стојановиќ од Босна и Херцеговина, а во финалето ја победи Миа Лиамицев од Израел. Мировски, пак, во квалификациите го победи со прекин Мехмет Таха од Турција, во полуфиналето го победи Атанас Димов од Бугарија со прекин исто така во прва рунда, и во финалето го победи Иван Бородатји од Украина.
Сребрен медал освои Лука Змејкоски во Лоу Кик во категоријата до 81 килограм кај помладите јуниори. Змејкоски во полуфиналето го победи Лендел Владислав од Украина, а во финалето се бореше со Мухамед Дупљак од Србија но ја загуби борбата иако во сите три рунди беше во водство.
Максим Митровски, во К1 во категорија до 71 килограм кај постарите јуниори, ја загуби борбата од Назибула Ирисматов од Казахстан и остана без медал, но во најбројната категорија со извонредно силна конкуренција.
„Сите натпреварувачи покажаа одлична борба и техника. Се работи за јуниори, млади натпреварувачи за кои спортската кариера допрва доаѓа“ – ни изјави по настапот на македонската репрезентација во Будимпешта, првиот човек на КМФМ, Дејан Митровски – Урко, притоа дополнувајќи:
„Нашата судијка Елена Костадиновска која со своето максимално професионално судење на изминатите меѓународни првенства го привлече вниманието на челниците на WАКО, доби покана да суди на ова светско првенство притоа повторно одлично одработувајќи ја својата задача и се стекна со лиценца за меѓународен А класа судија“.
Македонската Кикбокс Маитаи федерација последните четири години е најуспешна, најмасовна и најтрофејна федерација во нашата земја, а кик боксот се повеќе се издвојува како национален спорт број еден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА