Македонската кикбокс репрезентација се враќа со убав успех и освоени три медали, две сребрени и една бронзена, од Европското првенство за кадети и јуниори кое се одржа во Истанбул, Турција.
Во денешната финална борба, Силвио Мировски загуби од грчкиот натпреварувач, Ефстахиадис Христос и остана без посакуваниот златен медал, на крај задоволувајќи се со среброто.
„Да напоменам дека и во полуфинале и во финалето Силвио се бореше против двајца светски шампиони. Полуфиналето го заврши со победа, но во финалето беше поразен. Пресудно за поразот беше искуството. Грчкиот натпреварувач наметна чуден стил, кој го збуни Силвио па објективно не го даде својот максимум што резултираше со пораз. Задоволен сум од конечниот резултат на нашата репрезентација – две сребрени и еден бронзен медал, па сигурно по враќање во Македонија дополнително ќе бидат реализирани детални анализи и сумирани сите впечатоци од настапот на најсилното европско натпреварување” – ни изјави од Истанбул, претседателот на КМФМ, Дејан Митровски – Урко.
Во текот на вчерашниот ден како што е познато, со сребро се закити Марија Димовска, а бронзен медал освои Туркер Исмаил.
Македонската кикбокс репрезентација предводена од претседателот Дејан Митровски Урко учествуваше со шест кикбоксери на европското првенство. На овој престижен кикбокс натпревар учествуваа дури 1640 натпреварувачи во 2079 натпреварувачки влезови од 38 европски држави.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА