Кикбоксот, по одличната 2024 година, со дури шест номинации во изборот за СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА

Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија може да се пофали со извонреден успех и спортско достигнување низ изминатава 2024 година, за што потврда се шесте номинации кои се однесуваат на индивидуалниот спорт во нашата држава во изборот на СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА 2024 кој се организира од Министерството за спорт.

Оваа федерација е единствена која што има номинирани спортисти, селектор и во избор за најдобра федерација во сите шест категории во изборот на најдобрите.

Номинации во кои Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија учествува со свои спортисти, селектор и федерација за СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА:

1 – Спортист на годината – Бобан Илиоски, 1-во место во категорија -86кг., на ЕП во кикбокс маитаи, одржано во Атина, Република Грција

2 – Спортистка на годината – Леа Бошевска, кикбокс маитаи, 5-то место во категорија -50кг., на ЕП, одржано во Атина, Република Грција

3 – Млад спортист на годината – Силвио Мировски-кикбокс маитаи, 1-во место во категорија 71кг., на СП, одржано во Будимпешта, Република Унгарија

4 – Млада спортистка на годината – Марија Димовска-кикбокс маитаи, 1-во место на СП, одржано во Будимпешта, Унгарија

5 – Најуспешен тренер/селектор – Дејан Митровски-кикбокс и маитаи

6 – Најуспешна национална спортска федерација – Кикбокс маитаи федерација на Македонија

Останатите три номинации од вкупно девет постоечки се однесуваат на колективниот спорт и на спортисти со попреченост во кои оваа федерација неможе да земе учество.

Стручниот тим на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија предводена од претседателот Дејан Митровски – Урко од една страна е презадоволен од тоа што токму федерацијата на чие кормило е тој е единствената која има номинации во секоја категорија, но од друга страна и не сака да биде скромен бидејќи смета дека секоја номинација е комплетно заслужена.

„Очекувам дека спортската јавност и фела и на овој начин ќе ја награди нашата федерација и спортистите според заслугите, бидејќи оваа година приматот е наш ако направиме споредба со резултатите и достигнувањата на другите спортисти и федерации. Ова се само најпрестижните медали и достигнувања кои се наведени и номинирани за овој избор, но во реалност бројките и достигнувањата се многу поголеми. Имено, само оваа година кикбокс репрезентацијата настапи на 10 меѓународни кикбокс натпревари од највисок ранг и од истите имаме освоено вкупно 105 медали (31 златна, 27 сребрени и 47 бронзени медали)“ – вели Дејан Митровски – Урко, претседател на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија.

Се вчитува...