Кил слабо ја стартуваше новата бундеслигашка сезона со два порази во првите неколку рунди, што беше причина управата да реагира и да донесе нов голман на располагање на тенерот Јиха.
Тој се најде во незавидна ситуација по повредата на Жерар, по што остана со Мрква како единствен поискусен голман во тимот, доволна причина да се ангажира нов чувар на мрежата, и тоа Французинот Самир Беласен. Станува збор за 28-годишен чувар на мрежата кој пристигнува на позајмица од редовите на Данкерк, потпишувајќи договор до крајот на сезоната.
„Кога ќе ти се јави клуб како Кил прв си изненаден, но веднаш знаеш дека сакаш да му се приклучиш. Тоа е еден од најголемите клубови во светот, клубот поради кој се вљубив во ракометот, секако дека веднаш прифатив да дојдам и да помогнам во оваа незгодна ситуација“, изјави Беласен.
Кил е еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на Шампионите, а германскиот гигант ќе гостува во Битола на крајот од месец септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА