Кимих доби неодолива понуда од ПСЖ

Џошуа Кимих е се поблиску до заминување од Баерн Минхен по повлечената понуда за нов договор од управата на баварскиот гигант. Последните информации велат дека германскиот репрезентативец е многу блиску до преселба во ПСЖ, откако францускиот првак испратил понуда што медиумите во Германија ја опишуваат како „неодолива“.

Имено, 30-годишниот Кимих ќе може да потпише четиригодишен договор со ПСЖ за плата од над 20 милиони евра по сезона, сума повисока од она што го имаше на маса како понуда за нов договор со Баерн. Понудата на Баерн се однесуваше на три години, а ПСЖ со ваквиот потег би го осигурало Кимих, кој би заработувал вистинско богатство и до 34-годишна возраст. Исто така, Германецот би добил и бонус за потпис од над 30 милиони евра, бидејќи без никаква отштета како слободен играч би пристигнал на „Паркот на принцовите“

Сериозен интерес за овој фудбалер во последните седмици покажа и Арсенал, но „топчиите“ не се подготвени да ја минат границата од 15 милиони евра годишна плата, воедно и како поевтина опција го следат Зубименди од Реал Сосиедад. Загрени за Кимих се и Ханси Флик  и Барселона, но каталонскиот гигант се уште има огромни проблеми со буџетот за плати по конфликтот за регистрацијата на Дани Олмо, па тешко дека ќе може да си дозволи уште еден врвен играч со дваесетина милиони евра годишно.

Се вчитува...