Во просториите на Македонскиот олимписки комитет (МОК), на покана на Претседателот на МОК, г-дин Даниел Димевски, се одржа официјална работна средба со Н.Е. Амбасадорката на Народна Република Кина, г-ѓа Џијанг Сјаојен (Jiang Xiaoyan) и нејзината делегација.
На средбата, на која присуствуваше и стручниот тим на МОК, се разговараше за актуелните состојби и идниот развој на спортот, како и за отворањето на нови можности за соработка помеѓу двете пријателски земји во повеќе полиња поврзани со спортот и олимпизмот.
Во фокусот на разговорите беше ставена меѓусебната поддршка, размената на позитивни практики и искуства, како и можностите за заеднички проекти кои ќе придонесат за унапредување на спортските вредности. Двете страни се согласија дека спортот е универзален јазик кој ги поврзува народите и дека постои огромен потенцијал за продлабочување на билатералната спортска соработка.
Претседателот Димевски изрази огромно задоволство од посетата, истакнувајќи ја важноста на градењето силни партнерства со земји кои се глобални спортски велесили, каква што е НР Кина. Од своја страна, амбасадорката Сјаојен се заблагодари за срдечното гостопримство и ја потврди отвореноста за континуирана поддршка и заеднички вложувања во развојот на спортскиот дух.
Македонскиот олимписки комитет останува посветен на својата мисија за континуиран развој на македонскиот спорт, а денешната средба претставува значаен чекор кон воспоставување на долгорочна и плодна меѓународна соработка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

