Италијанскиот калчолигаш Милан ќе добие значителна сума за реновирање на тимот во летниот преоден рок. Откако новите кинески сопственици пристигнаа на „Сан Сиро“, купувајќи го клубот од Силвио Берлускони, беше најавено дека во претстојниот летен преоден рок не треба да се очекуваат огромни промени, а сумата за засилувања нема да биде поголема од 50 милиони евра. Сепак, по разговорите меѓу тренерот Винченцо Монтела и новиот спортски директор Масимилијано Мирабели, утврдено е дека на тимот му се потребни неколку нови квалитетни фудбалери. Оттаму, сумата за засилувања може да достигне и до 120 милиони евра.
Главната цел на Милан е да купи нов напаѓач, со оглед дека најверојатно и Карлос Бака ќе си замине од тимот. Приоритетна цел е Един Џеко од Рома, но во опција се и неколку други напаѓачи, како Алваро Мората, Серхио Агуеро и Пјер-Емерик Обамејанг.
Монтела посакува реновирање и на одбраната и на средниот ред, а исто така клубот ќе се обиде да го врзе за подолг период и младиот и суперталентиран голман, Џанлуиџи Донарума.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА