Интер се наоѓа во серија од седум победи во италијанскиот шампионат, по што „нероаѕурите“ од средината на табелата се искачија на четвртатa позиција и ќе се борат за влез во Лигата на шампиони. Со самото тоа експресно се активираа и челниците на клубот, богатите кинески газди од „Сунинг“, кои веќе најавија огромна финансиска инјекција за поранешниот европски шампион во текот на летниот преоден рок.
„Првите луѓе на клубот се сериозно загреани по одличните резултати во последно време. Разликата меѓу Интер и водечките екипи веќе воопшто не е голема, па токму поради тоа Кинезите најавуваат инвестиција од 150 милиони евра во играчкиот кадар за следната сезона“ – јавуваат италијанските медиуми.
Приоритет ќе биде одбранбената линија, која функционира далеку од очекувањата на тренерот Пиоли. На врвот на листата со желби на „нероаѕурите“ се наоѓа Костас Манолас од Рома, за кого Интер е подготвен да плати 40 милиони евра. Според некои медиуми веќе се договорени и личните услови, за плата од 4,5 милиони евра по сезона, а останува само уште клубовите да се договорат за отштетата. Тимот од Милано во јануарскиот преоден рок не успеа да го договори трансферот на Рикардо Родригез, но „нероаѕурите“ не се откажуваат од левиот бек на Волфсбург, кој има клаузула за раскин на договорот со германскиот клуб во висина од 22 милиони евра.
Главната ѕвезда се очекува да биде доведена во средниот ред, каде Интер најавува офанзива за ангажман на Марко Верати. Италијанскиот репрезентативец не е најстандарден во ПСЖ по доаѓањето на Унаи Емери за тренер, па „нероаѕурите“ се надеваат дека со понуда од 50 милиони евра ќе успеат да го доведат на „Џузепе Меаца“. Проблем може да претставува платата од 7,5 милиони евра по сезона што тој ја зема во ПСЖ, а што е над заработувачката на сите актуелни фудбалери на Интер.
Нападот на „нероаѕурите“ веќе делува моќно и за овој дел од тимот не се најавува мегаѕвезда, па како опции се споменуваат Бернардески од Фиорентина и Берарди од Сасуоло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА