Кинтана е во вештачка кома, следните 48 часа ќе бидат клучни

Состојбата на Алфредо Кинтана е крајно сериозна, па голманот на Порто се уште се наоѓа во вештачка кома по претрпениот срцев удар за време на денешниот тренинг на португалскиот ракометен шампион.

Португалскиот репрезентативен голман колабирал за време на тренингот, лекарите со благовремена интервенција успеале во прв момент да му го спасат животот, но борбата не застанува тука. Весникот „А Бола“ повикувајќи се на анонимни извори тврди дека ситуацијата се уште е крајно сериозна, поради што и челниците на Порто се резервирани во коментарите и прогнозите.

Според весникот „О Жого“, Кинтана се наоѓа во вештачка кома по одлука на лекарите, кои сметаат дека ова е најдобар начин за стабилизирање на организмот. Проблем во целата ситуација е што покрај срцевиот удар утврден е и едем на мозокот, што носи дополнителен ризик за здравјето на голманот.

„Во овој момент никој не може да каже какви последици ќе има едемот врз целокупното функционирање на организмот. Токму затоа следните 48 часа ќе бидат клучни“, пишува „О Жого“.

Се вчитува...