Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од десет години се враќа на големите натпреварувања, откако од 4. до 20. ноември ќе биде домаќин заедно со Словенија и Црна Гора на Европското првенство.
Македонија се најде во тешка група заедно со репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. „Црвено-жолтите“ девојки ќе имаат многу тешка задача да ја минат оваа група, но целта е да се земе скалпот на некој од фаворитите.
Младиот десен бек Јована Кипријановска за ЕКИПА.МК вели дека дополнителен мотив за неа и соиграчките е тоа што ова е прво Европско првенство за целата генерација…
„Па пред се имаме многу тешка група, но и покрај тоа очекувањата се големи. Ние сме релативно млада репрезентација и за повеќе од нас, ако не и за сите ова е прво Европско првенство што значи дека мотивацијата е на највисоко ниво. Атмосферата е супер. Работиме напорно и вложуваме многу труд и тоа ни дава надеж и за нешто повеќе. Ќе одиме од натпревар во натпревар. Ќе дадеме се од себе и на крајот од денот нека победи подобриот. Се надевам дека македонската публика ќе не поддржи во што поголем број и ќе ни помогне заедно да оствариме победа“, изјави Кипријановска за ЕКИПА.МК.
Македонија шампионатот го почнува на 5. ноември со мечот против актуелниот олимписки шампион Франција. Два дена подоцна играме со Холандија, додека првата групна фаза ја завршуваме со мечот против Романија на 9. ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА