Кире Лазаров: Ако треба и јас ќе играм на среден бек!

Искуството на капитенот Кире Лазаров и лидерската улога во подмладениот состав на машката ракометна репрезентација на Македонија на престојното СП во Германија и во Данска, ќе биде поважна од кога и да е досега. Македoнската репрезентација на претстојното СП во јануари по шести пат во последниве десет години ќе биде дел од светскаат ракометна елита. Лазаров е единствен македонски ракометар што бил дел од македонскиот состав на сите светски првенства досега.

По откажувањето на Филип Миркуловски, некако најнеизвесно ќе биде на средната бековска позиција за која капитенот има интересно решение. Се понуди и тој да биде плејмејкер ако треба“

„Јас можам да му се понудам на Раул како среден бек затоа што во одреден дел од сезоната во Нант одиграв и на таа позиција затоа што сме тројца левучари. Така што зошто да не! И така ги имаме Јагуриновски и Серафимов, зошто да не. Ако веќе не оди, ќе застанам и на среден ако треба“ – малку во шега, малку сериозно порача Кире Лазаров на денешниот собир на репрезентацијата.

На претстојното СП, Македонија ќе настапи во значително подмладен состав во кој капитенот треба да биде фактор на стабилност и на сигурност. Смената на генерации и отсуството на неколку досега стандардни репрезентативци, сепак, не ја поместува границата на очекувањата и примарната цел – да се обезбеди едно од првите три места во групата што носат пласман во втората фаза на СП.

„Ние се наоѓаме во еден нов циклус, со една нова подмладена репрезентација. Прерано е да се даваат некои заклучоци, што оптимистички, што не толку оптимистички. Мислам дека треба прво да се собереме да почнеме со тренинзи, па после да видиме. Моето искуство ми кажува дека доколку сакаме да одработиме едно големо натпреварување од типот на Светско првенство, сега и во овој нов формат, најмалку осум тешки натпревари во 14 дена. Покрај психички, технички тактички, треба да бидеме добро и физички подготвени. Немаме многу време за таа работа и затоа не смееме да се впуштаме во некои ветувања. Она што го имаме во овој кус период вредно да го одработиме и добро да се подготвиме за да можеме да го демонстрираме најквалитетното од нас. Како и секогаш, сакам да бидам позитивен и оптимист. Како што нас не изненади Грција, зошто да не изненадиме и ние било кого.Меѓутоа цврсто стоиме на земја. Како што гледам кај моите колеги сите се малку примирени, замислени. Што можеби не делуваоптимистички, но дефинитивно, цврсто стоиме на земја. Важно е да одработиме квалитетни подготовки, па ќе видиме. Треба да одиме натпревар по натпревар. Сега треба да размислуваме само за првиот меч со Јапонија, па после за се друго“ – истакнува капитенот на македонската репрезентација.

Вербата и квалитетот на селекторот и на комплетниот стручен штаб е еден од адутите на Македонија, а дополнето со полна доверба од играчите дава и дополнителен квалитет.

„Имаме квалитетен стручен штаб, квалитетни луѓе со големо искуство, коишто знаат како се освојува и како се победува, макар и со послаба екипа. Така што цврсто, ги поддржуваме, веруваме во нив и јас како капитен ќе се потрудам да им пренесам една позитивна енергија на младите, да ги окуражам да им дадам поддршка. Секој може да има лош ден, но никогаш не смееме да се предадеме во било кој момен. Ќе има и победи и порази, но важно еда влезат во тој систем на натпреварување и да знаат да се носат и со победи, но и со порази, и со притисок и без притисок“ – вели Кире Лазаров.

Настапот на СП, Македонија го почнува на 11 јануари против Јапонија, а противници во групата Б во Минхен ќе ни бидат уште и селекциите на Бахреин, Шпанија, Хрватска и Исланд.

Се вчитува...