Најдобриот чешки ракометар Филип Јиха во својот роден Плзен го одигра последниот натпревар во кариерата. Дел од прошталниот спектакл на прославениот ракометар,беше и Кире Лазаров и другите негови пријатели и поранешни соиграчи во Кил и Барселона. Ѕвездениот тим на Барселона го победи тимот на ѕвездите на Кил со 43-31 (19-13), но многу поважен од резултатот беше свечениот амбиент иовациите од пет илјади гледачи кои го поздравија 36-гдоишниот Филип Јиха кој од теренот се сели на тренерската клупа, во следната сезона како помошник на Алфред Гисласон во Кил.
„Ова е неверојатно. Тешко е да се најдат зборови“ – со многу емоции се прости Јиха.
Тој во првиот дел го одигра за Кил, а потоа во второто полувреме му се приклучи на тимот на Барселона каде што ја заврши активната кариера. Симболично, со него во тимот последните минути на терен ги поминаа и неговите деца – ќерката Валери и синот Винсент.
Дел од прошталниот спектакл во Плзен беа многу славни ракометни имиња, олимписки шампиони, победници во Лигата на шампионите, европски и светски шампиони, како Тиери Омејер, Даниел Нарсис, Кире Лазаров, Даниел Штефан, Петр Штохл, Карел Ночар, Даниел Кубеш, Андреас Паличка…Во својата богата кариера, Филип Јиха со Кил два пати ја освои титулата во Лигата на шампионите, а во 2010 година од ИХФ беше прогласен за најдобар ракометар во светот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

