Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров е најкорисниот офанзивец по групната фаза од натпреварите на Светското првенство во Франција, согласно финалните статистички показатели по крајот на натпреварите од сите четири групи.
Лазаров е без конкуренција прв на листата на ракометарите со најмногу МВП поени (голови и асистенции), вкупно 67 поени (44 гола и 23 асистенции), убедливо пред Белорусинот Пуховски кој има 55 поени (20 гола и 35 асистенции) и Норвежанецот Сандер Сагосен со 51 поен (26 гола и 25 асистенции).
Од останатите македонски репрезентативци, Филип Миркуловски е на 33. место на оваа листа со вкупно 30 поени (10 гола и 20 асистенции).
Лазаров, како што е познато, е неприкосновен лидер и на листата на најдобрите стрелци со 44 гола (68% успешност), пред Тунижанецот Амин Банур кој има 34 гола и Германецот Уве Генсхајмер со 33 погодоци.
Македонскиот капитен е и во ТОП 5 меѓу најдобрите асистенти во досегашниот тек од шампионатот. Заедно со Никола Карабатиќ е на делба на четвртото место со 23 асистенции на петте одиграни натпревари. На врвот е Белорусинот Барис Пухоски со 35 асистенции, пред Хрватот Лука Циндриќ со 27 асистенции и Норвежанецот Сандер Сагосен кој има 25 асистенции.
Од останатите наши репрезентативци во ТОП 10 меѓу асистентите е и Филип Миркуловски, кој е на делба на 9. место со 20 асистенции на пет натпревари.
Најдобар крадец на топки во одбраната од македонската репрезентација е Никола Маркоски кој има три украдени топки, а најмногу блокади во одбрана има Филип Миркуловски (три) на делба на 14. место заедно со Никола Карабатиќ. Најказнуван наш ракометар е Миркуловски со вкупно 10 минути казна на петте натпревари.
На листата на најуспешните голмани е чуварот на мрежата на Норвешка, Еспен Кристенсен со 43% успешност на одбрани (24 одбрани од 56 шута) пред Никлас Ландин од Данска кој има 42% успешност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА