Кире Лазаров – Европскиот „бомбардер“ од македонски ков

Кире Лазаров е ракометарот со најмногу настапи на големите натпреварувања во дресот на македонската репрезентација, воедно и лидер на селекцијата што го одржува континуитететот од настапи на светските и европските првенства уште од ЕП во Србија во 2012. Неговиот придонес за игрите и резултатите на нашиот национален тим е огромен, а Лазаров на секој од овие шампионати се наоѓа и на самиот врв или близу до него кога станува збор за листата на најдобри стрелци.

Првото големо натпреварување на Кире Лазаров како член на македонската репрезентација е мундијалот во Египет во 1999, кога како тинејџер одигра три натпревари, постигнувајќи два погодоци.

Потоа паузата беше огромна, цели десет години, но токму искуството од тој мундијал е она што го издвојуваше Лазаров од сите останати при следниот настап на Македонија на светските првенства – мундијалот во Хрватска во 2009 година. Тој беше вистински лидер, одигра феноменално цел шампионат и постигна неверојатни 92 гола, бројка што се уште е актуелен рекорд на ракометните мундијали.

Три години подоцна на ред дојде Европското Првенство во Србија, на кое Македонија дојде до најголемиот успех во својата историја – петтото место. Лазаров беше најдобар стрелец на ЕП 2012 со 61 погодок, а најдобрите партии ги зачува за крај, постигнувајќи десет гола во победата на клучниот меч со Србија, а потоа уште осум во победата над Словенија со која беше обезбедено учество на предолимпискиот турнир.

Следеше мундијалот во Шпанија во 2013 година, на кој Лазаров постигна 44 гола на шест натпревари. Најефикасен беше против Русија (десет погодоци), а во осминафиналето против Германија осум пати се запиша меѓу стрелците, што сепак се покажа премалку за Македонија да стигне до место во четврт-финалето.

Капитенот постигна 38 погодоци на ЕП во Данска, но тоа го стори на пет натпревари откако поради поведа го пропушти последниот дуел со Шпанија. Следеше СП во Катар, каде Лазаров беше импресивен во групната фаза до 38 погодоци на пет средби (десет во големиот триумф над Тунис на стартот од мундијалот). Сепак, на нашиот пат застана Словенија, Македонија претрпе пораз во нокаут фазата иако Лазаров постигна осум погодоци на тој меч

Македонскиот „бомбардер“ потоа беше петти стрелец на ЕП во Полска со 42 гола, за потоа да следи нов блесок и ново признание – врвот на листата на стрелци на мундијалот во Франција со 50 погодоци.

ЕП во Хрватска е нов предизвик, но нема причина за сомнеж дека Лазаров како и секогаш досега ќе биде на висина на задачата, за да ја предводи Македонија до нови успеси на големите ракометни натпреварувања.

Се вчитува...