Кире Лазаров – Гино Стрезовски е тандемот што ќе ја предводи Македонија

Долгогодишниот ракометен стратег Гино Стрезовски ќе биде изборот за селектор на Македонија и ќе работи заедно со Кире Лазаров се додека големиот ас не ја заврши кариерата и самостојно седне на селекторската фотелја. ЕКИПА во текот на вчерашниот ден објави дека токму Лазаров е изборот на раководството на РФМ за долгорочниот проект поврзан со македонската репрезентација и подмладувањето на националниот тим.

Десниот бек не крие дека сака да остане во ракометот, веќе најави дека на крајот од сезонава ќе ја заврши кариерата, а се очекува потоа да се посвети целосно на работата со македонската репрезентација. Јасно беше дека Лазаров не може веднаш да седне на селекторското столче, бидејќи до јуни Македонија ја очекуваат уште четири натпревари од квалификациите за ЕП 2022, па тука во целата коминација влегува Стрезовски.

Овој стручњак има богато тренерско искуство, работа како селектор на машката и на женската ракометна репрезентација на Македонија, а моментно е претседател на Здружението на ракометни тренери и има беспрекорна соработка со актуелното раководство на РФМ. Стрезовски е подготвен да го прифати предизвикот да се врати на чело на репрезентацијата и блиско да соработува со Лазаров. Единствената дилема е на колку време ќе биде потпишан селекторскиот договор со Гино Стрезовски, по што Кире Лазаров самостојно ќе продолжи да ја води македонската репрезентација (најверојатно по ЕП 2022, доколку Македонија обезбеди пласман на овој европски шампионат).

Се вчитува...