Кире Лазаров е максимално подготвен за новиот репрезентативен предизвик, настапот на ЕП 2018 во Хрватска на кој првична цел е пласман во втората фаза од шампионатот. Тој е оптимист дека оваа цел ќе може да биде исполнета, но и има интересно предвидување за натпреварите во групата Ц, па во разговор за „Спорт Клуб“ открива дека според него полесно можеме да го изненадиме европскиот првак Германија, отколку Словенија.
„Сакам да бидам оптимист, можеби некогаш и нереален. Ние како репрезентација треба да бидеме скромни и да стоиме цврсто на земја. Она што можам да го кажам е дека нема да се предадеме на ниту еден меч, дури и против една Германија, но и да не летаме во облаци и да најавуваме гласно победи над Словенија, Германија, а потоа и над Данска, Шпанија… што би било нереално. Што се однесува до нашата група, мислам дека имаме многу повеќе шанси со Германија и со Црна Гора отколку против Словенија. Тие се извонредно незгодна репрезентација, неслучајно беа бронзени на последното ЕП, го имаат Вујовиќ за селектор и 16 подеднакво квалитетни играчи кои секогаш даваат над 100% за репрезентативниот дрес. Ќе видиме, пред нас е тешка задача и затоа е нереално да ветуваме нешто конкретно. Она што ќе го сториме е давање максимум, и фокусирање од натпревар во натпревар“ – вели Кире Лазаров.
„Бомбардерот“ на Нант не ја крие гордоста што за време на неговата ера, ракометот стана спорт број еден во Македонија.
„Ракометот мора да остане спорт број 1, Македонија тоа го заслужува. Луѓето во нашата земја неизмерно го сакаат ракометот, премногу работи се направени во позитивна насока и во репрезентацијата и во клубовите во последните години. Во федерацијата го имаме вистинскиот човек, Живко Мукаетов, кој е амбициозен и сака од година во година се да биде уште подобро. Имаме талент, направивме база, децата седат пред ТВ, гледаат и имаат свои идоли. Имаме и клуб шампион на Европа, тука е и Металург кој со години работи со млади играчи. Според мене, треба да размислуваме да бидеме се подобри и подобри, а не да стравуваме дали ќе опстанеме на истото ниво“ – порачува капитенот на нашиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА