Македонската репрезентација веќе го заборави поразот од Норвешка, и сите мисли ги насочува кон утрешниот натпревар со Холандија на Светското првенство 2023 во Краков.
Селекторот Кире Лазаров вели дека и против Холанѓаните ќе треба добро да се испотиме ако сакаме да дојдеме до изненадување и триумф…
„Холандија и вчера покажа дека се работи за екстра квалитетна репрезентација, игра брз ракомет и треба добро да се помачиме за да стигнеме до победа. Целиот ден го искористивме да ги анализираме, иако и претходно ги анализираме. Споредувавме, анализиравме, мислам дека имаме шанси“ – истакна македонскиот селектор веднаш дополнувајќи:
„Ме загрижува повредата на Јагуриноски, тоа и вчера беше хендикеп. Пред да се повреди уште бевме во егал. Ќе ни недостасува, тоа е играч со добар квалитет што покажуваше многу. Ќе го замени Давид Савревски, тој вечерва ќе пристигне. Нов, дебитант, со малку искуство, но многу потенцијал. Ќе покриваме и со други освен Серафимов затоа што треба да се издржи 60 минути. Мартин ќе добие шанса, ја заслужува“.
Што се однесува, пак, до играта на Холанѓаните…
„Лук Стајнс е продолжена рака на тренерот, како што е во Париз на Раул, овде е на Олсон. Играч од таков калибар доста работи приметува на теренот и ги поставува работите како треба и се адаптира. Тоа им е голем квалитет. Се уште играат на високо ниво, како во Унгарија. На високо ниво и во одбрана и во напад. Ќе мора многу добро да се подготвиме и многу сериозно да пристапиме на тој меч. Ние вчера сакавме да направиме изненадување, но тоа беше невозможна мисија. Не сфатија сериозно. Ние на секој натпревар, ако сакаме да растеме мораме да тргнеме со позитивна мисла“ – изјави Лазаров пред денешниот тренинг на националниот тим во Краков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА