Кире Лазаров ќе ја игра својата последна сезона во кариерата, а по крајот на активното играње ќе остане во ракометот, но како тренер. Македонскиот капитен го обелодени ова во разговор за хрватскиот весник „Вечерњи Лист“, не исклучувајќи ја можноста во иднина да седне на клупата на Загреб.
„Мислам дека тоа ќе биде крај, повеќе нема смисла. Ќе останам во спортот како тренер. Којзнае, можеби за десетина години ќе дојдам да седнам на клупата на Загреб, клубот кој ми даде толку многу во кариерата“, вели Лазаров за „Вечерњи Лист“.
За македонската спортска легенда нема никакви дилеми, се додека игра активно ракомет ќе го носи и репрезентативниот дрес.
„Кога веќе играм за Нант, ќе одговорам и на повикот на македонската репрезентација“, истакна Лазаров.
Идеален крај за репрезентативната кариера на „македонскиот бомбардер“ би бил настап на СП во Египет, земјата во која тој за првпат настапи за Македонија на едно големо натпреварување. Останува да се види дали ИХФ ќе и додели вајлд-карта на Македонија за оваа желба на капитенот да се исполни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА