ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Македонскиот селектор Кире Лазаров не можеше, поради повреда, да помогне на националниот тим да дојде до толку посакуваната победа против Црна Гора.
И покрај тоа што Македонија овој пат беше фаворит против Црногорците, комплетно потфрли доживувајќи пораз од 24-28, па Лазаров не го крие разочарувањето од поразот истакнувајќи дека пред се одлучил психолошкиот момент.
„Да можеме да ги преброиме грешките кои ги направивме нема да завршиме… Тоа што се случуваше на терен во второто полувреме беше како на филм. Бев немоќен нешто да направам кога играчи, да не ги набројувам, кои играле во бројни европски клубови ќе прават такви нешта тогаш стратегијата многу не помага. Ние сме тука да подготвиме нешто, но тие се тие на терен кои мора“ – ни изјави Лазаров по дуелот, притоа дополнувајќи:
„Дојде до некој психолошки блок, и мислам дека не знаевме што правиме. Мислам дека притисокот да се направи нешто го направи своето. Евидентно е тоа дека треба да учиме уште многу, да тренираме, да работиме… Не сакам да звучи како алиби, но ете ни се случи денеска и Столе Стоилов, а Никола Митревски во последен момент доби дозвола да настапи, ни недостасуваат и уште многу играчи, почнувајќи од мене па се до некои добри ракометари и тоа се рефлектираше. Но, тоа не треба да е алиби затоа што загубивме од главата. Работевме и на психолошки план изминатиов период, но тоа е тоа“.
Според Лазаров добар показател за поразот е фактот дека откако е тој селектор секогаш најдобар играч на натпреварот е противничкиот голман…
„На секој натпревар откако сум селектор јас, без разлика дали добиваме или губиме секогаш противничкиот голман е играч на натпреварот. Е токму на тој момент треба да работиме. Имаме иднина, имаме потенцијал, но психолошкиот момент кога доаѓа притисокот кој со себе го носи еден одлучувачки натпревар на кој атакуваме на победа тогаш ни пресудува. Ќе анализираме добро, па ќе видиме што може да очекуваме. Сега ни престои натпреварот со Данска па и за тој дуел сакаме добро да се подготвиме“ – вели Лазаров и дополнува:
„Жал ми е за навивачите кои поминаа толку километри да не бодрат. Но, ќе мора да им се оддолжиме низ иднината, а секако откако добро ќе ги научиме лекциите од ова европско првенство“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА