Македонската ракометна репрезентација под водство на селекторот Кирил Лазаров денеска во Скопје означи старт на подготовките за двата пријателски натпревари против Романија, во рамките на ЕХФ неделата, кои ќе се играат во градот Браила на 15. и 16. март.
Лазаров на денешниот прв собир истакна дека е одбран квалитетен противник за овие тестови и тоа на гостински терен, како селекцијата што подобро би се подготвила за бараж дуелот за пласман на СП 2025 против Фарските острови.
„Ќе се обидеме максимално да ја искористиме оваа ракометна недела. Пред се, целта е оние играчи кои имаат помала минутажа да добијат шанса и да одиграат натпревари за добивање поголемо искуство за она што ни следи во блиска иднина и бараж дуелот за СП 2025 против Фарските острови“ – истакна Лазаров, притоа дополнувајќи:
„Романија е квалитетна селекција. Има и промена на селекторот, и носат една нова енергија. Добро е што играме на гостински терен, за нашите млади момци малку повеќе се привикнуваат на играта на гости, затоа што првиот натпревар од квалификацискиот бараж против Фарските острови е на гости. Затоа како селектор барав за време на оваа ЕХФ надела да одиграме два натпревари на гостински терен“.
Македонија ќе биде без пет стандардни првотимци, носители на играта, како Костески, Кузмановски, Јагуриновски, Павле Атанасијевиќ, а неизвесен е и Милан Лазаревски.
„Хендикеп за наст е тоа што дел од носителите на играта, Ненад Костески, Томи Јагуриновски, Филип Кузмановски поради повреди нема да бидат со нас. Исто така вчера повреда заработи и Милан Лазаревски и тој е неизвесен, како и Павле Атанасијевиќ. Па, останува шанса да добијат други играчи и искрено верувам дека добро ќе ни дојдат овие два натпревари, против една квалитетна селекција, за добра подготовка за тоа што ни следи во квалификацискиот бараж“ – вели Лазаров.
Лазаров, по четирите откажувања поради повреди, засега останува со 17 ракометари. Дополнително е повикан Давид Савревски на местото на Јагуриновски, а се планира дополнителен повик за уште еден до двајца ракометари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА