Кире Лазаров селектор на Македонија до 2029 година

Кире Лазаров ќе продолжи и во иднина да ја извршува функцијата селектор на Македонија, откако нашата спортска легенда денеска потпиша нов договор за продолжување на соработката со Ракометната Федерација на Македонија.

Под водство на Лазаров беше успешно извршен процесот на смена на генерации, Македонија остана редовен учесник на големите натпреварувања, што беше причина оваа успешна соработка да биде дополнително продолжена.

„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“, изјави претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

Самиот Лазаров не го криеше задоволството што ќе продолжи да ја извршува најважната функција во македонскиот ракомет.

„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка.

Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, порача Лазаров.

Се вчитува...