Кире Лазаров за соработката со Живко Мукаетов: „Се се договараме за 45 секунди! Секогаш дава многу, но и бара многу!“

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, со најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев, селекторот на македонската репрезентација, најдобар македонски ракометар во историјата и актуелен тренер на РК Алкалоид, Кире Лазаров, меѓу сите теми отворено и за соработката со најголемиот спортски мецена во Македонија, поранешен прв човек на македонскиот ракомет и сопственик на Алкалоид, Живко Мукаетов.

Лазаров вели дека е лесно да се соработува со успешен бизнисмен како Мукаетов, ако сте квалитетен, чесен, и максимално посветен на работата. Иако секогаш бара многу од сите, во еден таков случај за секого е лесно да одговори на предизвикот.

„Од самите почетоци на формирањето на РК Алкалоид, наша заедничка цел со почитуваниот Живко Мукаетов беше да направиме нешто добро за македонскиот спорт. Со господинот Мукаетов се знаеме долги години, имаме одлична соработка и, можеби ќе ви звучи чудно, но кога треба да донесеме некои одлуки се договараме за многу краток период. Буквално се договараме за 45 секунди. И тоа покажува дека си веруваме, покажува дека имаме силна меѓусебна доверба и сето тоа се покажува и преку резултатите“ – вели Лазаров, и дополнува:

„Меѓу нас има навистина и многу моменти на релаксирана атмосфера, но кога се работи, тогаш е максимална сериозност, затоа што се познаваме добро и така се однесуваме. Нашата блискост никогаш не е злоупотребена од моја страна, но и од страна на господинот Живко Мукаетов, како шеф и одговорен за сите нас. Нема потреба да се нагласува дека е одличен менаџер кој ја донесе Алкалоид, како компанија, до најголем бренд на Балканот и пошироко. Токму затоа се надевам и верувам дека и во иднина ќе носиме уште многу добро за македонскиот спорт и општество“.

Лазаров потенцира и дека секој еден играч во Алкалоид носи максимален респект кон Мукаетов, затоа што ја гледа и чувствува неговата сериозност, кредибилитет и квалитет и како човек, пред се, но и како менаџер, стопанственик и силен вљубеник во спортот.

„Играчите го почитуваат и сакаат, согледувајќи ја неговата максимална сериозност. Да, дава многу но и бара многу. Дава навистина услови за работа, но и бара отчет буквално од секој од нас. И така треба! Не можеш, ако си неквалитетен, да се извлечеш. А, ако си квалитетен повели со сите услови, и докажи и покажи. Човекот е максимално професионален, и јас еднаш кажав во една ситуација дека е тешко да се работи, затоа што многу бара, а во исто време од друга страна е многу лесно затоа што навистина се препознава и вреднува квалитетот. И на крај има и бенефит од сето тоа!“ – вели Лазаров.

=====================================================

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО И КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ДАРКО ПАНЧЕВ И КИРИЛ ЛАЗАРОВ:

Се вчитува...