Некогашниот репрезентативец и досегашен член на Вардар, Кире Маркоски во пролетниот дел од сезоната ќе настапува за Работнички. Маркоски ги договорил сите детали со „романтичарите“ и враќањето е извесно.
Маркоски беше дел од Работнички цели шест години, од 2012 до 2018 година, пред да направи интернационална кариера, па преку Аел Лимасол и Спартак Трнава, да се врати во мак-фудбалот во Академија Пандев, па беше дел од Шкупи, Шкендија, а од август 2022 година е дел од Вардар.
27-годишниот Маркоски се очекува да се појави на прозивката на Работнички.
„Романтичарите“ се во потрага по нови имиња, откако си заминаа неколку играчи како Методи Максимов, Арменд Алими, Иво Јанакиевски, Андреј Кировски, Бојан Тимевски, а пред заминување е и Анес Рушевиќ.
Целосен „егзодус“ се очекува оваа зима и од Вардар, откако ситуацијата во клубот е далеку од идеална. Не е познато дали екипата ќе почне со подготовките, а највите за нов спонзор засега се актуелни само на хартија. Засега од клубот си заминаа Мартин Блажевски и Симеон Христов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА