ЕКИПА во Вадуз,
Никола Ѓуровски
Саша Ќириќ е повторно во Вадуз. Поминаа повеќе од две децении. Го паметиме ние, а го паметеше долго и цела Европа. Беше тоа најубедливата победа во европскиот фудбал на еден квалификациски меч на гостински терен. Македонија го победи Лихтенштајн во Вадуз со убедливи, неверојатни 1-11. Тогаш на кормилото беше Ѓоко Хаџиевски, а играа Митко Стојковски, Тони Мицевски, Дејви Главевски, Гоце Христов, Сашо Милошевски, во одбраната Љупчо Марковски Калц, Игор Саша Николовски, Зоран Јовановски…
„Тоа беше една млада, освежена репрезентација на Македонија што ја селектираше Ѓоко Хаџиевски. Млади момци, желни за победа, орни за давање голови…хахаха. И го начекавме Лихтенштајн, додека трепнаа беше 0-3. На полувремето водевме 0-6, а на крајот победивме со 1-11. Јас постигнав два гола, еден од пенал, а Дејви Главевски постигна хет – трик. И Митко Стојковски и Тони Мицевски дадоа по два гола. Се сеќавам како да е денес. Имавме и уште шанси. Па, мислам дека тоа долго години беше најубедлива победа на гостински терен во европски квалификации“, со ќеиф се сеќава Саша Ќириќ.
Сега тој е спортски директор на националниот тим, и се надева дека оваа генерација, предводена од капитенот Горан Пандев, ќе успее да слави нов триумф во Вадуз. Нема сигурно да е со десет гола разлика, ама ќе ни значи многу, затоа што одамна не сме победиле, а на гости – и сме заборавиле кога последен пат.
„Верувам дека ќе стигнеме до триумф. Македонија има поквалитетен фонд на фудбалери, тоа е јасно, но во овој денешен модерен фудбал нема веќе тотални аутсајдери. Сепак, квалитетот е на наша страна и верувам во сигурна победа, прва во овој квалификациски циклус“, порачува Ќириќ.
Дваесетина години подоцна, на „Рејнпарк“ стадион во Вадуз. Не е местото на „злосторството“…Тогашниот меч се одигра на „Спортпарк“ во Ешен.
„Тогаш немаа ниту стадион. Се играше на терен, се сеќавам, со ограда од страните, жици…И Лихтенштајн напредува, тоа е очигледно. Фудбалот е магија насекаде во светот“, завршува Саша Ќириќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА