Кирил Гогов: Брегалница веќе се издвојува на европската карта како клуб кој продуцира вистински фудбалски квалитет!

Со последниот договорен трансфер на младинскиот репрезентативец Јован Манев во турскиот суперлигаш Адана Демирспор, ФК Брегалница јасно уште еднаш ја потврдува определбата, покрај секогаш високите резултатски амбиции, да се овозможи и успешен фудбалски пат за младите и талентирани фудбалери кои во клубот имаа сериозен свој партнер.

„Горди и задоволни сме што како клуб овозможуваме вистински фудбалски пат на највисоко ниво за нашите млади докажани фудбалери. Тоа беше една од нашите цели уште од самото преземање на клубот, и затоа за нас е секако нескриено и задоволството што за вака исклучително краток период Брегалница веќе почна да реализира продажба на млади играчи. Клубот на тој начин веќе препознатливо се издвојува и на европската фудбалска карта како средина во која се продуцира вистински фудбалски квалитет“ – вели сопственикот на Брегалница, Кирил Гогов, притоа не криејќи го задоволството и од успешно завршените преговори меѓу ФК Брегалница и ФК Адана за трансферот на Јован Манев.

„Среќни сме што Јован Манев израсна како врвен фудбалер во нашата средина, и среќни сме што ете сега можеме да му сервисираме и интернационален пат каков што заслужува и од кој исклучително позитивен ефект ќе има и македонскиот фудбал“ – дополнува Гогов.

А, потврда на повеќе од успешно зацртаната политика на клубот секако е и претходниот трансфер на Мартин Стојанов во бугарскиот прволигаш Септември Софија. Оваа година, како што е познато, Брегалница го продаде и 23-годишниот Михаил Маневски на Шкендија, а нескриен интерес од екипи од странство има уште за неколку млади фудбалери на „сините“.

Брегалница и во иднина ќе продолжи со силна поддршка на младите и талентирани фудбалери од регионот и од Македонија кои треба да бидат темел на екипата, а притоа овозможувајќи им и средина од каде ќе се лансираат кон врвниот европски фудбал.

„Трансферот на Јован Манев е силна потврда на сите наши заложби за максимална поддршка на младите и талентирани фудбалери, кои како што истакнавме и со преземањето на клубот, ќе бидат секогаш максимално промовирани во интерес и на нивните кариери, на клубот и на македонскиот фудбал воопшто. Горди сме што се реализира еден ваков трансфер, и среќни што Јован Манев зачекорува низ кариера каква што секако заслужува“ – вели спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев, по дефинитивната официјализација на договорот меѓу штипскиот клуб и турскиот суперлигаш Адана Демирспор.

Се вчитува...