Женската сениорска фудбалска репрезентација на Македонија на 2.октомври и на 5.октомври ќе ги игра следните два натпревари од квалификациската група 1 во циклусот за пласман на Европско првенство 2021 година. Казахстан и Србија се претстојните предизвици за нашите фудбалерки, а селекторот Кирил Изов верува дека можат да стигнат и до првата победа.
„Во следните два натпревара на нашата репрезентација против Казахстан и Србија кои ни претстојат во Скопје на 2. и на 5. октомври очекувам добри настапи на нашите фудбалерки, со оглед на тоа што ќе настапиме во комплетен состав. По добрата игра на првиот натпревар силно веруваме во успех и триумф на првиот натпревар со Казахстан. Мислам дека сме подготвени да ги нападнеме трите бода и првата победа после долго време. Победата на тој натпревар ќе ни овозможи на вториот натпревар против фаворитот Србија да влеземе порелаксирано, но со големи мотиви за надигрување со нашите соседи“, вели селекторот на женскиот национален тим.
Тој смета дека е видлив напредокот во играта на репрезентацијата.
„Напредокот во селекцијата во последниот период е евидентен и видлив, успеавме сите заедно најпрво да ја вратиме атмосферата која сега е одлична и од една репрезентација која што губеше со двоцифрени резултати дојдовме до ситуација да размислуваме за победи, а поразите да ги сведеме со малку примени голови. Ако ги погледнеме последните седум натпревари на нашата селекција одиграни во изминатиот период, ниеден натпревар на кој претрпевме пораз не беше изразен со повеќе од три гола што покажува евидентен напредок во играта и промена на пристапот кон самата игра и однесувањето на фудбалерките на теренот“, додава Кирил Изов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА