Кирил Лазаров: Ако ракометот е твојот сон, ајде заедно да го сонуваме…

Се е подготвено за новото, шесто по ред издание на кампот „Кирил Лазаров 7“, кој вообичаено собира деца од различни делови од Европа и им нуди незаборавно ракометно искуство. Изминатите пет години на кампот „Кирил Лазаров 7“ поминаа повеќе од 1400 учесници, а постојано расте интересот за овој настан за млади категории кај децата кои се на самиот старт со ракометната „азбука“, но и оние кои повеќе години тренираат ракомет.

Кампот и оваа година ќе се одржи во Охрид, во спортскиот комплекс на хотелот „Аквалина“, во две смени стартувајќи од 19 Јуни до 01 Јули 2020 година. Организаторот на кампот, агенцијата  „КМГ Спорт“ информира дека покрај седум дена тренинг со капитенот, тимот тренери и гости од нашата земја и странство, секое дете од Македонија учесник на кампот  има обебедено превоз до и од местото на одржување на кампот, медицински преглед во „Жан Митрев Клиник“, комплет опрема од врвен производител, комплетно здравствено осигурување, сместување во хотел од висока категорија и 24-часовен мониторинг од медицински тим.

„Ако ракометот е твојот сон, ајде заедно да го сонуваме, да се забавуваме, дружиме, да создаваме камперски спомени…“...со овие зборови капитенот на националниот тим и најдобар македонски спортист Кирил Лазаров и КМГ Спорт, агенцијата која стои како логистичка поддршка на настанот го најавуваат шестиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“ кој од 19 Јуни до 01 Јули ќе се одржи во прекрасниот Охрид.

Кампот е еден вид на база за селекција на млади играчи, на кои им е потребна надградба од повеќе аспекти и насоки (во делот на спортот, едукација за здрава исхрана, спортски бон-тон, градење на индивидуата за доброто на колективот). Во период од седум дена секое лето најдобриот светски десен бек Кирил Лазаров, сегашни и поранешни репрезентативци и големи имиња од светот на ракометот и наједуцирани македонски и европски тренери имаат свое место во мозаикот на ракометниот камп. Според програмата која е предвидена сите членови на кампот ќе имаат максимални услови, опрема и стручна помош за усовршување, здравствена заштита и нега, едукативни предавања на теми кои им се неопходни во овој период на нивниот живот, дружење и многу забава.

Сите заинтересирани повеќе информации ќе најдат на официјалните медиуми на кампот, нивната Веб страна http://bit.ly/3b8CTNC   и фејсбук страната www.facebook.com/handballcampkirillazarov7  .

Се вчитува...