Кириленко: Македонците се југословенска школа – паметна кошарка и добар шут

Легендата на руската кошарка, Андреј Кириленко, во последните години ја извршува функцијата претседател на Кошаркарската Федерација на оваа земја. „Зборнаја“ не почна според очекувањата, во првото коло неочекувано убедливо загуби од Италија, па сега Кириленко и неговите соработници очекуваат кошаркарите многу подобро да си ја завршат работата на утрешниот натпревар со Македонија. Тој сепак предупредува дека „црвено-жолтите“ во ниеден случај не смеат да бидат потценети.

„Македонците ’на хартија’, можеби изгледаат послабо, но тоа е југословенска школа на кошарка, каде што секој знае што и како да игра. Понекогаш, тие потсетуваат на оној источно европски стил на игра. Значи паметна кошарка, многу асистенции и добар шут. Секако многу работи ќе зависат од нашата селекција на дуелот во Перм, сигурен сум дека публиката ќе му помогне на нашиот тим на патот кон успехот. Од друга страна пак, тоа е дополнителен притисок. Има доста промени во составот, и на играчите инм е потребно време за да ја почувствуваат силата на публиката и да се справат со притисокот. Би им порачал да бидат отворени и релаксирани, порачува Кириленко.

Првиот човек на руската кошарка не сака да се прават споредби со дуелите кои овие две селекции ги одиграа на Евробаскетот 2011 година во Литванија.

„Ова не може да се споредува со 2011 година, или било кое друго старо натпреварување. Селекцијата која се спремаше за Светскиот Куп 2019 година, играше против Босна и Херцеговина, и загуби. Босанците и Македонците имаат сличен стил на игра. Но во многу ситуации, реков, ќе зависи од нас. Композицијата на рускиот тим се менува постојано. За жал, многу играчи не се дел од овој ’прозорец’. Сега гледам многу нови лица во тренинг кампот, и би им посакал да играат добра кошарка. Да ги демонстрираат квалитетите поради кои и се повикани во рускиот национален тим“, истакна Андреј Кириленко.

Се вчитува...