Кирковски ја освои Аконкагва, подвиг посветен на трагично загинатите Калина и Ачко (ФОТО)

Македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски запиша уште еден подвиг зад своето име реализирајќи брзинско искачување на највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва – 6962 метри надморска височина, на Андите.

Поаѓајќи од базниот камп Плаза де Мулас 4300 мнв на Кирковски му биле потребни вкупно 9 часа и 52 минути за искачување на врвот и враќање назад. Ова брзинско искачување претставува пионерски потфат во балкански рамки, но и резултат вреден многу пошироко. Вообичаеното потребно време за искачување на Аконкагва е три до четири дена.

„Не беше воопшто лесно, во првите часови имав проблем со мрзнење на стапалата и не знаев дали ќе можам да продолжам. Го дадов својот сопствен психофизички максимум и презадоволен сум од постигнатото. Ова е резултат на долги години труд и ентузијазам, нека биде мотив за идните генерации планински спортисти. Им благодарам на сите кои дадоа поддршка и посебно на Димитар Тодоровски кој е овде со мене” – ни изјави Кирковски веднаш по освојувањето на Аконкагва.

Врвот Аконкагва нема техничка тежина, но се карактеризира со многу ниски температури и силни ветрови, а концентрацијата на кислород на врвот е само околу 40% во споредба со морското ниво. За Александар ова е второ искачување на Аконкагва во неколку дена откако на 9. февруари го искачија врвот заедно со Димитар Тодоровски. Претходно има поставено најдобри македонски времиња на Мон Блан, Елбрус, Матерхорн и други врвови.

Акцијата е дел од програмата на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, поддржана од Агенцијата за млади и спорт како и повеќе спонзори и пријатели. Подвигот е посветен на пријателите планинари Калина Велевска и Александар Миновски кои трагично настрадаа на Кајмакчалан минатиот февруари 2018 година.

Се вчитува...