Со Mастерсот во сениорска конкуренција заврши есенскиот дел од сезоната 2019/20 во поединечна конкуренција за најдобрите македонски пингпонгари. На турнирот учествуваа 37 натпреварувачи во машка конкуренција и 9 натпреварувачки во женска конкуренција.
Кај сениорите на Мастерсот не учествуваа првопласираните двајца од минатата сезона, државниот првак Станојковски, кој оваа сезона се натпреварува во Германија и вицешампионот Јочкоски кој иако беше на листата на пријавени играчи сепак не учествуваше на турнирот. Во отсуство на најдобрите првото место го освои Теодор Кироски кој оваа сезона го има епитетот на слободен играч, моментално не е член на некоја од екипите кои се дел од првенството на Македонија. Во финалето Кировски го совлада Петар Митков, член на Крива Паланка 2007, во изедначен и неизвесен натпревар со 3-2 (11-9,11-7, 9-11, 11-13, 11-8) и го освои златниот медал. На патот до финалето Кироски одигра исто така возбулив и тежок натпревар против Васко Манасијески, член на ППК Работнички исто така совладувајќи го со 3-2. Во второто полуфинале Митков го надигра Гоце Димоски од ППК Радовиш со 3-1. Како изненадување на турнирот е елиминицијата на Петар Костовски, актуелен државен првак во категоријата У-21. Во четвртфиналето Костовски го изгуби мечот против Димоски со 3-1.
Пласман – Сениори
1. Теодор Кироски
2. Петар Митков
3. Гоце Димоски, Васко Манасијески
Кај сениорките Ана Стојановска од ППК Крива Паланка уште еднаш ја потврди одличната форма, само по два дена откако ја освои титулата државен првак на средните училиште уште еднаш го освои златниот медал. Во финалето Стојановска ја совлада Билјана Младеновска од ППК Градба Промет од Кавадарци со 3-2, враќајќи се по негатива од 2-1 за Младеновска. И двете финалистки имаа тешки полуфинални натпревари во кои славеа минимално со 3-2, победничката Стојановска против Добринка Сотирова анулираше предност на Сотирова од 2-0, додека Младеновска во изедначен натпревар славеше против првата носителка Ива Димитриевска. По подолга пауза на пингпонгарските натпревари им се врати и повеќекратната државна првенка Амелија Уце, но очигледно не е во старата форма кога без проблеми ги освојуваше првите места на сите турнири каде што учествуваше. Уце беше поразена веднаш после групната фаза од Добринка Сотирова убедливо со 3-0.
Пласман – сениорки
1. Ана Стојановска
2. Билјана Младеновска
3. Добринка Сотирова, Ива Димитриевска
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА