Фудбалскиот клуб Кит Го, со одлука на раководството на клубот го менува своето име, и во иднина од престојната пролетна сезона во Втората лига – Исток ќе се натпреварува како ФК Пехчево.
Согласно одлуката на раководството, а во договор и со Општина Пехчево, во иднина клубот кој изминативе години е вистински фудбалски бисер на Малешевијата го враќа своето старо име – ФК Пехчево, под кое се натпреваруваше во минатото. Одлуката за промена на името е потврдено и од комисиите во рамките на Фудбалската федерација на Македонија, а промената на името официјално е констатирана и од Централниот регистар.
За нов шеф на стручниот штаб е именуван Иван Варадиновски кој досега беше прв помошник во клубот, а доаѓа на местото на Трајче Сенев. Согласно определбата на клубот но и на Варадиновски како нов шеф на стручниот штаб, Пехчево како и досега и во иднина силно ќе промовира млади талентирани фудбалери на домашната фудбалска сцена.
За продолжението од првенството, Пехчево се засили со тројца млади фудбалери од ФК Њустарс од Скопје, една од најпрепознатливите фудбалски школи во Македонија, стоперот Мустафа Емир како и фудбалерите од средниот ред, браќата Димитриј и Михаил Димитриевски. Ново име е и Даниел Иванов од Слога Виница.
ФК Пехчево стартуваше и со подготвителните натпревари за време на зимските подготовки, победувајќи го Детонит јуниор убедливо со 3-0. Стрелци на головите беа токму засилувањата Димитриј и Михаил Димитриевски, како и капитенот Бошко Ступиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА