Кристијан Киву не стартуваше според очекувањата на клупата на Интер, променливите настапи кулминираа со прераната елиминација од клупскиот мундијал, по што романскиот стратег јасно ставил до знаење дека му е неопходна свежа крв во тимот за да ги врати „нероаѕурите“ на врвот на италијанскиот фудбал.
Киву инсистира на формација со крилни офанзивци, профил на играчи какви што му недостигаат на Интер во моментов, па „нероаѕурите“ тргнаа во офанзива, и тоа по еден од најдобрите играчи во Серија А во последните неколку сезони. Станува збор за Адебола Лукман, одличниот Нигериец кој пред две сезони го донесе трофејот во Лигата на Европа во Бергамо. Информациите од Италија говорат дека директорот Марота веќе ги договорил личните услови со самиот фудбалер, но сега следи потешкиот дел од задачата, да се најде заеднички јазик со Аталанта за овој трансфер.
Првата понуда на Интер од 40 милиони евра била експресно одбиена, а пораката од Аталанта е дека цената за Лукман изнесува 50 милиони евра. На „нероаѕурите“ е да одговорат, дали ќе ја платат оваа сума за да ја исполнат желбата на тренерот или ќе се свртат кон други опции на пазарот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

